Репрезентациите на Македонија и на Босна и Херцеговина попладнево ќе играат натпревар за првото место на Супер купот во Улм. Кошаркарите на овие две селекции на претходните два натпревара постигнаа по две победи над Грција и над домаќинот Германија.
Македонија ја победи Грција со 77:75, додека против Германија славеше со 81:67.
Почетокот на овој натпревар е во 17 часот што воедно е еден вид финале на турнирот, додека во терминот од 14:30 часот ќе играат Германија и Грција.
Босна и Херцеговина е наш ривал и во групата во Јесенице на Европското првенство во Словенија, а против нив на Еуробаскетот ќе играме на 8 септември.