Хрватскиот ас Лука Модриќ вчера го прослави својот 37. роденден. По тој повод со него разговараа новинари од клупската телевизија на Реал Мадрид. Нив ги интересираше тајната на спортската долговечност на Модриќ.
„Секогаш ме прашуваат која е мојата тајна, но не знам што да кажам. Живеам фудбал речиси 24 часа на ден, тоа е многу важно“, изјави Модриќ за Реал Мадрид ТВ.
„Го сакам она што го работам и уживам во мојата професија повеќе од кога било досега бидејќи знам дека сум во компликувана возраст за фудбалер. Никогаш не знаеш колку долго можеш да издржиш на ова ниво во овој клуб, каде што се највисоките можни барања. Се трудам да уживам во тренинзите и натпреварите. Сето ова ми помага да се чувствувам добро на оваа возраст“, вели Хрватот.
Модриќ се држи до својата рутина и секој ден пристигнува во клубот час и 15 минути порано.
„Појадувам во клубот. Правам се со физиотерапевтите во теретана за да дојдам на тренинг веќе загреан. Потоа го правам тренингот и после тоа, во зависност од тоа како се чувствувам, останувам овде да работам со физиотерапевтите. Правам се што е потребно“, објаснува одличниот играч за врска.
Средниот ред на Реал летово остана без Касемиро.
„Изгубивме важен играч, но имаме добри играчи кои можат да го заменат. Чуамени добро се адаптира, Камавинги е втора година во клубот и беше добар во првата сезона, Крос е тука долго време. Исто така и Валверде кој е одличен, Себалјос кој многу придонесува… Добро сме покриени“, истакна Лука Модриќ.
Извор: Топспорт