Хорхе Лоренцо смета дека моторот на Дукати ја маскирал вистинската слика за перформансите на деветкратниот шампион Валентино Роси, со кој повторно ќе биде тимски колега во Јамаха.
Минативе две години Роси имаше само три пласмани на пиедесталот, од кои само еден беше извојуван на сува патека. Наспроти тоа, во 2010 година, кога последен пат возеше за Јамаха, и покрај двомесечното отсуство поради повреда, Роси освои две победи и уште десет пласмани на подиумот.
„Навистина, моторот на Дукати изгледа дека е мошне комплициран. Единствено на Кејси Стонер му успеа да освои титула и да се трка со него, така што со сигурност не е лесно. Валентино е силен возач кој е навистина комплетен, но не можеше да победи со него. Можеби со Јамаха тој ќе се врати повторно на високото ниво“, прогнозираше двократниот шампион од Шпанија.