Претседателот на Организациониот комитет на Олимписките Игри во Лондон, Лорд Коу, поранешен олимписки и светски шампион и светски рекордер во атлетика, изјави дека синоќешните натпревари, во кои тројца британски атлетичари освоија златни медали, за помалку од еден час е „најголемата ноќ за атлетиката во Велика Британија“.
Воодушевувањето на Коу од успехот на домашните атлетичари го делат сите денешни лондонски весници, кои без исклучок, своите први страници им ги посветуваат на Олимпијадата, а пред се атлетичарите и нивниот „историски успех“ на главниот олимписки стадион.
Најголемо внимание и се посветува на Џесика Енис и нејзиниот триумф во седмобојот, која е новиот британски спортски херој. Ова е нејзина прва Олимпијада, а веќе освои златен медал.
– Не можам да поверувам дека сум олимписки шампион, изјави Енис по синоќешниот триумф.
По неа златни медали освоија уште и Мохамед Мо Фара, во трката на десет илјади метри, што е прв ваков успех во британската олимписка историја.
Победа и златен медал освои и британецот Грег Ратерфорд во скок во далечина. Ова е прв златен медал за Британците во оваа дисциплина по далечната 1964 година и Олимпијадата во Токио.
Покрај овие три „злата“ во атлетиката, домашните спортисти вчера освоија уште три златни трофеи во веслањето и велосипедизам во сала, па саботата со шест златни медали е најуспешниот ден за британскиот олимписки спорт, по 1908 година и првите Игри, кои тогаш се одржале во Лондон.