Британскиот главен град е денеска практично празен во центарот и низ улиците кои водат кон централното градско подрачје, по неколкунеделните расправии во јавноста и убедувањата Лондончани да се откажат од своите автомобили додека траат Олимписките Игри.
По големите турканци и метеж во сообраќајот, посебно во центарот на Лондон, како и огромниот број странски туристи минатата недела, во деновите до почетокот на Олимпијадата, вчера и денеска градот изгледа празен, на големо разочарување на трговијата и угостителството.
Трговците денеска првпат се пожалија на слабиот промет откако почнаа Игрите, барајќи објаснување зошто нема странци кои купуваат, но и зашто ги нема домашните купувачи.
– Олимпијадата ни беше речено дека ќе биде магнет за странски туристи и за зголемено трошење и пазарење, но засега нема ништо од тоа, изјавија денеска вработените од продавниците и бутиците во познатата лондонска трговска улица „Риџент“, жалејќи се што ги нема ниту домашните купувачи, како што е тоа вообичаено во ова време од годината.
Традиционалните летни распродажби завршија во Лондон пред почетокот на Игрите, а странците се претпазливи во трошењето поради значително засилената британска фунта, пред се како последица на ослабеното евро, што се смета како едно од објаснувањата за намалениот промет.
Туристички експерти, меѓутоа, објаснуваат дека Лондон сега има намалување на гости од странство помалку за 35 отсто и тоа, за нив, е вообичаено, затоа што вистинските туристи кои ова време обично се во голем број во британскиот главен град, сега чекаат да завршат Игрите. Оние кои не се интересираат за спортот и за Олимпијадата, стравуваат да не се најдат со толпите од спортски навивачи кои патуваат на секои Олимписки Игри.
– Така беше во Пекинг, а така беше пред тоа во Атина и Сиднеј, па дури и во Барцелона пред 20 години, рече претставник на туристичките власти во Лондон.