Германската тенисерка Сабине Лисицки е втората финалистка на неофицијалното светско првенство, откако попладнево ја победи Агнешка Радванска од Полска со 6:4; 2:6 и 9:7.
Двете полуфиналистки одиграа исцрпувачки меч со времетраење од два часа и 15 минути.
По водството од 1:0 во сетови, од средината на вториот до почетокот на третиот сет Лисицки имаше резултатска и играчка криза. Радванска освои шест гема во низа и поведе со 3:0 во решавачкиот трет сет со предност од брејк, но Германката се врати во натпреварот слично како и на мечот со Серена Вилијамс.
Големото финале на женскиот дел од Грен Слемот „Вимблдон“ е закажано за в сабота од 15 часот.
За една од двете финалистки ова ќе биде историски прв трофеј од големите турнири. Досега ниту Бартоли ниту, пак, Лисицки немаат победено на еден Грен Слем.