Во денешното соопштение испратено до јавноста, ракометниот клуб Металург информира дека го промени партнерот за продажба на билети за натпреварите од Лигата на шампионите во ракомет и денеска (13.2.2013 година) склучи договор за соработка со продажната мрежа на „Купи карти за сѐ“.
Соопштението превземено од официјалниот сајт на РК Металург ви го пренесуваме во целост:
Новина во поглед на претходниот дистрибутер е можноста за онлајн-продажба на билети преку интернет-страницата WWW.KUPIKARTIZASE.COM, а директен линк ќе биде поставен и на нашата редизајнирана веб-страница WWW.RKMETALURG.MK. Исто така системот „ Купи карти за сѐ“ ја нуди и веќе постојната можност секој купувач на билет да има можност за избор на позиција, односно место за седење.
Билетите за натпреварите на Металург во Лигата на шампионите ќе можете да ги набавите на следните локации во Скопје: „Купи карти“ во „Скопје сити мол“, „Супер Тобако“ во ТЦ „Лептокарија“, „Мобиклик“ во ТЦ „Капиштец“, цвеќарницата „Розе-Веро 2“ во Скопје, билетарницата во СЦ „Борис Трајковски“, билетарницата во салата „Автокоманда“, салонот на „Никофон“ во ТЦ „Бисер“ во населбата Аеродром, како и продажните места низ Македонија во Прилеп, Битола, Куманово, Штип, Охрид, Струга, Кичево и Тетово. За конкретните локации во определени градови каде што можат да се купат билети низ Македонија ќе може да се информирате на веб-страницата на Металург.
Билетите за натпреварот од 10-то коло од ЛШ, кој Металург го игра на домашен терен на 24.2.2013 година (недела) со претставникот на Данска, Силкеборг Бјерингбро, ќе бидат пуштени во продажба на 16.2.2013 година (сабота), во 12 часот.