Јуниорската репрезентација на Македонија ја совлада Унгарија со 76:64 во својот прв настап на Европското првенство – Б дивизија кое се одржува во Струмица.
Со малку поени и цврсто во одбрана се играше на почетокот на средбата, но петте поени во низа на Кристијан Николов донесоа прво повисоко водство за Македонија. Андреј Магдевски играше одличен натпревар, а со неговата тројка пред крајот на првата четвртина, нашата репрезентација за прв пат поведе со двоцифрена разлика (20:10). На полувреме избраниците на селекторот Мирза Куртовиќ имаа предност од 13 поени (35:22).
Во второто полувреме шанса за настап добија повеќе македонски кошаркари кои даваа одлична поддршка на најдобрите, Магдевски и Николов.
Унгарија во ниту еден момент не успеа резултатски да се доближи и да ја загрози првата победа на Македонија.
Со 23 поени, 9 скокови и 7 асистенции, Андреј Магдевски беше најефикасен кошаркар во нашиот тим.
– Тешко беше да се издржи притисокот од првиот натпревар и императивот кој го имавме за победа. Презадоволен сум од играта и залагањето на целиот состав и мислам дека заслужено победивме. Сигурно дека поослободени ќе влеземе во секој нареден натпревар и мислам дека допрва ќе доаѓа нашето најдобро, изјави селекторот Куртовиќ.
Утре Македонија е слободна, додека в сабота игра со Данска.