Дел од навивачите на ФК Вардар незадоволни од резултатите кои ги прикажува клубот, од раководството на ФК Вардар бараат одговор зошто од најпознатиот спортски бренд во Македонија се прави полигон за потсмев.
– Си дозволуваме нашата маленкост да упати неколку прашања до господинот Сергеј Самсоненко, надевајќи се дека ќе стигнат до неговите уши, со оглед на браната крената околу него од безрбетници,послушници и дел антивардарци, заеднички наречени Управа.
– Која е целта од најпознатиот македонски спортски бренд, да се прави полигон за потсмев од тие што цел живот лечат фрустрации од црвено-црната боја?, пишува на Фејсбук страната „Црвено – црно семејство“.
Според нив, изборот на нови играчи во клубот го прави исплетена пајажина од новинарско-тренерско-менаџерски односи наместо стручни лица.
-Зошто одлуката кој да добие нов договор од постоечкиот кадар ја носат безрбетници кои во животот се претставуваат како припадници на седмата сила, а се умислуваат дека се квази менаџери и членови на обложувачка мафија?, стои во соопштението на страната „Црвено – црно семејство“.
Од таму исто така ја обвинуваат Управата дека на толкави вложувања, наместо на голем клуб, Вардар почнува да наликува на селска кооперација.
-Наместо во клубот да имаме луѓе на кои во генетскиот код им е врежан ВАРДАР, ние имаме луѓе на кои што Вардар им претставува само пин код од нивните трансакциски сметки.
Добро ќе беше нешто чесно да сработеа, наместо да се расфрлаат со закани по секоја критика упатена кон нив, се вели во соопштението.