Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров е најефикасниот играч по првата фаза на Светското првенство што се одржува во Франција.
Лазаров на петте натпревари во групата, постигна вкупно 44 голови или речиси 9 по натпревар. На второто место на листата на ТОП стрелци е Амине Банур од Тунис кој има десет гола помалку од Лазаров, дедека третото рангираните Уве Генцхајмер од Германија и Серхио Лопез од Ангола досега постигнаа по 33 гола.
Од нашите репрезентативци, втор најефикасен е Стојанче Стoилов со 18, еден повеќе од Гоце Георгиевски и Дејан Манасков кој поради повреда предвреме ќе го заврши својот настап на шампионатот.
Доколку продолжи во својот препознатлив ритам и го задржи просекот, капитенот на Макдонија, Лазаров веќе попладнево ќе има можност да ја мине границата од 50 постигнати голови и тоа во првиот осминафинален меч на Мундијалот во кој Македонија за противник ќе ја има селекцијата на Норвешка.
Мечот ќе се игра во Албервил со почеток од 16 часот.