Вицешампионот на Македонија во кошарка, Карпош Соколи, во текот на наредната сезона ќе се натпреварува во највисокото клупско натпреварување организирано од светската куќа на кошарката – ФИБА, додека Работнички поднесе пријава за Европа Купот.
Раководството на Карпош Соколи изрази желба да клубот продолжи со активностите на меѓународните фронтови и изборот беше Лигата на шампионите. Клубот кој оваа година се закити со првиот свој трофеј (националниот куп) ќе се натпреварува во првата фаза од квалификациите за ЛШ.
Сезоната во која Карпош Соколи ќе го забележи својот настап ќе биде втора сезона во постоењето на ова клупско европско натпреварување. Актуелен шампион е Иберостар Тенерифе од Шпанија.
Најтрофејниот кошаркарски колектив во Република Македонија, Работнички, поднесе пријава за учество во Европа Купот кој е организиран од страна на ФИБА. Како и Карпош Соколи, клубот од „Градски Парк“ не ги крие високите амбиции за следната натпреварувачка сезона како во домашното првенство така и во меѓународните натпреварувања.