Последниот Грен слем во сезоната, УС Опен, почнува денеска, 28 август и ќе трае до 10 септември. Њујорк е центарот на спортскиот настан, а главната битка, барем кога е во прашање машката конкуренција, се очекува да ја водат Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкараз.
Исто така ова ќе биде камбек турнир за Ѓоковиќ со оглед на тоа што лани како невакциниран странец немаше право на настап. Но, сега тој е фокусиран на напад на 24. Грен слем титула и враќање на број еден на АТП листата.
Минатогодишен победник на турнирот беше Карлос Алкараз, а многумина посакуваат Шпанецот да го одигра големото финале против Србинот и така да се повторат одличните натпревари од Вимблдон и Синсинати.
For all the marbles. 👊 pic.twitter.com/1JWpo8i92f
— US Open Tennis (@usopen) August 27, 2023
Сепак, пред почетокот навивачите на Ѓоковиќ негодуваат поради плакатот на УС Опен каде „во крупен план“ е истакнат само минатогодишниот победник, додека Ѓоковиќ е во многу помала димензија. Фановите на српкиот тенисер прашуваат дали само името на Новак Ѓоковиќ не им значеше многу, како и тоа што има 23 Грен слемови, од кои три на УС Опен.
Слично се случи и на промотивните материјали на Вимблдон, каде Ѓоковиќ не беше во преден план.
Заедно со Алкараз, во крупен кадар е и светската тенисерка број еден Ига Свијатек. Големата тенисерка од Полска оваа година ја брани титулата во Њујорк и многумина мислат дека Арина Сабаленка би можела да и биде најголемата пречка.