Кошаркарската кадетска репрезентација на Македонија и покрај поразот од Финска успеа да се пласира во четвртфиналната група на Европското пренство – Б дивизија во Сараево. За ваквиот исход во полза ни беа и резултатите од другите два натпревара од нашата А група одиграни доцна синоќа.
Во дуелите од 5.коло Македонија загуби од Финска 59:77, Португалија ја победи Норвешка 83:60, а Естонија беше поуспешна од Бугарија 67:45.
Финска е прва во групата со биланс 5-0 (победи-порази), Македонија, Португалија и Естонија имаат по 3-2, Бугарија 1-4 и Норвешка 0-5.
Поради најдобриот кош количник Македонија е втора во групата и ќе разигрува за пласман од 1-8.место.
Нашите кадети се во групата Е, заедно со Финска, Словенија и Англија. Финска и Словенија имаат по една победа, која ја пренесуваат од првата фаза. Во другата Ф четвртфинална група играат: Чешка, Босна и Херцеговина, Данска и Грузија.
Македонија утре игра против Словенија, а задутре противник ни е Англија. Денеска на шампионатот е слободен ден.