Најдобриот македонски тенисер Томислав Јотовски со убедлива победа и само два загубени гема го почна настапот на фјучрс турнирот во Шабац. Тој во првото коло го победи Висенте Лагос од Чиле со 6:2 и 6:0 во сетови.
Во следното коло Македонецот кој е седми носител на турнирот ќе игра против победникот од мечот Алекса Лазаревиќ (Србија) и Габор Боршош (Унгарија).
Јотовски попладнево во игра на двојки ќе има меч заедно со Миљан Зекиќ (Србија), каде се рангирани како први носители против Горан Марковиќ и Лука Сучевиќ (Србија).
Од македонските тенисери денеска на фјучрсот во Благоевград настап има единствено Бесир Дургути, додека мечевите од првото коло на овој турнир утре ќе ги играат: Стефан Мицов и Бојан Јанкуловски, кои преку квалификации стигнаа да се пласираат и на главниот турнир.
Настап оваа недела на фјучрс турнир во Прокупље како прва носителка во двете конкуренции ќе има и најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа.