Репрезентацијата на Србија, која е противник на Македонија на претстојното Европско првенство, се соочува со нови проблеми на нешто повеќе од две недели пред почетокот на шампионатот.
По откажувањето на неколку значајни кошаркари, Душан Ивковиќ најверојатно ќе мора да бара замена и за младиот Владимир Лучиќ кој има неподносливи болки во грбот и прашање е дали ќе успее да заздрави навреме за Евробаскетот. Како што пишуваат српските медиуми, поранешниот капитен на Партизан токму поради тоа не го одиграл вториот меч од турнирот во Франција против Грузија во текот на викендот.
“Неодамнешните снимки покажаа дека немам дискус хернија и се чувствував добро, но по патот кон Франција повторно имав болки во грбот. Не сум ни близу до својот максимум, а ако е таква ситуацијата, не сакам ниту да тренирам”, рече Лучиќ за Б92.
Дали тој ќе игра на Европското првенство во Словенија ќе се знае најдоцна до четврток кога српската репрезентација тргнува за Истанбул на еден од најсилните турнири пред почетокот на шампионатот. Во случај и Лучиќ да го откаже својот настап, тој ќе биде шестиот кошаркар од составот на Душан Ивковиќ кој не може да му се стави на располагање на селекторот.