Ѓорге Иванов денеска ги одликува членовите на ракометниот клуб Вардар со „Медал за заслуги за Македонија“, а РК Вардар со признание „Повелба на Република Македонија“.
Иванов, на врачувањето на одликувањето, на ракометарите им го честита најголемиот успех на македонскиот машки екипен спорт, освојувањето на Лига на шампиони во ракомет и порача дека имаме причина да се гордееме и да се радуваме на овој историски успех.
– Со својот подвиг ракометарите на Вардар апсолутно ги заслужија високите признанија. Со вашата желба, мотивираност, сплотеност и тимски дух ни покажавте дека не постојат искушенија и пердизвици кои не можат да се надминат и врвови кои не можат да се освојат. Вие сте пример од кој ќе учат и ќе се мотивираат и сегашните и идните генерации, изјави Иванов.
Изрази верување дека успехот на ракометарите ќе ја обедини целата нација и ќе биде импулс и понатаму заеднички да веруваме и да навиваме, да бидеме сплотени и во победите и во поразите како составен дел од спортот и животот.
– Спортот како филозофија на животот треба да биде алтернатива на пороците на денешницата. Благодарение на овој успех верувам дека сега и да нема дете во Македонија кое не се замислува како ракометар или спортитст. Сите заедно да помогнеме овој моментум да резултира со раѓање на нови шампиони, рече Иванов.
Одликувањата за ракометарите и признанието за ракометниот клуб Вардар од претседателот Иванов се доделува по триумфот на РК Вардар во Лигата на шампионите. Република Македонија го доби првиот европски ракометен шампион во машка конкуренција и по 15 години повторно има екипа што претставува континентален првак. Ракометниот клуб „Вардар“ е европски првак во Лигата на шампиони, откако во финалето што се одигра во Келн ја совлада екипата на Пари Сен Жермен.