Кралскиот клуб за само неколку дена доживеа два дебакли. Најпрвин во домашното првенство беа понижени од најлутиот ривал Барселона на „Сантијаго Бернабеу“ (0:4), а на истото место избраниците на Карло Анчелоти беа поразени и од Милан во Лигата на шампионите (1:3). Се чини дека по овие два порази се појавија искри во соблекувалната на Реал Мадрид и дека има несогласување меѓу Килијан Мбапе и Карло Анчелоти.
Мбапе не пружа блескави партии и се шпекулира дека воопшто не е задоволен од тактиката која ја користи славниот италијански тренер Карло Анчелоти. Францускиот репрезентативец, кој сезонава постигна осум гола во сите натпреварувања, смета дека попрво треба да игра крило, а не како централен напаѓач.
Анчелоти, најуспешниот тренер во историјата на Лигата на шампионите, кој петпати го подигна пехарот, не го гледа францускиот фудбалер на истото место во тимот за кој настапуваше во ПСЖ. Со овој тим Мбапе беше неприкосновен во домашното првенство, но недостасуваше трофеј во најпрестижното европско натпреварување.
🚨 Kylian Mbappé does not like the way Carlo Ancelotti’s team plays.
He has reportedly indicated it to those around him, as he is used to everyone playing for him in Paris.
(Source: @mundodeportivo) pic.twitter.com/3MnFT0fdOp
— Transfer News Live (@DeadlineDayLive) November 8, 2024
На „Паркот на принцовите“ Мбапе беше алфа и омега и целата игра му беше подредена, додека во Мадрид очигледно не е така и тој не е задоволен од тој факт. Општо познато е дека многу големи играчи не се вклопија во Реал и остатокот од сезоната треба да покаже дали најдобриот тим во историјата на Лигата на шампионите згреши со неговото доведување.
Пред се беше голема желба на претседателот на кралскиот клуб Флорентино Перез и се чини дека не се вклопи во тактичките замисли на Анчелоти.
Веќе по поразот од Барселона се појавија шпекулации дека ова би можело да биде последна сезона за Анчелоти и дека Перез сака да биде џентлмен за италијанскиот стручњак да не добие отказ на средина од сезоната.
Реал Мадрид моментално е на второто место во националниот шампионат со девет бода и натпревар помалку од лидерот Барселона, додека во Лигата на шампионите моментално имаат по две победи и два порази. Веќе е освоен еден трофеј со победата над Аталанта во финалето на Суперкупот на УЕФА со 2:0, но амбициите на овој тим се на највисоко можно ниво секоја сезона и тој трофеј сигурно нема да ги задоволи навивачите кои се навикнати на титули во Шпанија и Лигата на шампионите.