Хрватскиот тенисер Иво Карловиќ ги обвини линиските судии во неговиот меч со британскиот тенисер Енди Мареј за грабеж, затоа што му досудија дури 11 грешки за газење на линијата при сервис, што инаку се случува ретко во тенисот.
Карловиќ кој важи за тенисер со „атомски сервис“, смета дека линиските судии со своите одлуки му помагале на Мареј да го добие овој за него мошне важен меч, во вториот дел од дуелот, кога резултатот беше 1:1 во сетови. Тој обвинува дека судиите навивале за британскиот тенисер, кој уште игра и пред домашна публика.
„Разликата меѓу мене и Мареј беше во фут-фаулите“, изјави гневно хрватскиот тенисер. Тој рече дека никогаш досега, уште од времето кога бил дете и имал само осум години нема направено дури 11 такви грешки во текот на еден тениски меч.
„Вакви работи се случуваат обично на мечевите од Дејвис купот, но не може да се случуваат и на еден турнир од Гранд Слем серијата, а посебно не на турнир, каков што е Вимблдон“, рече Карловиќ.
Засега не е познато дали тој ќе поднесе и формлана жалба на одлуките на судиите, но претставник на Вимблдонскиот тирнир во Лондон изјави денеска дека доколку хрватскиот играч се жали, ќе бидат прегледани телевизиските снимки.
Енди Мареј, кој секоја година настојува да победи на овој престижен тениски турнир на кој Британците немаат победа во машка конкуренција уште од триесетите години на минатиот век, стравуваше од дуелот со Карловиќ, поради лошото искуство што го има од игрите со него.
Првите два сета минаа во рамноправна игра, но во следните два, Мареј се стекна со потребната предност, што неговиот противник сега ја оспорува.
Ова е прв пат еден тенисер на турнирот, да ги обвини судиите за навивање за домашен играч и за „грабеж“ во текот на мечот.