Новиот светски шампион во MotoGP Хорхе Лоренцо ќе дебитира во авто-трката Race of Champions, која ќе се одржи во декември во Бангкок.
Пилотот на Јамаха ја освои својата втора титула во неделата со второто место во Гран при на Австралија и на трка пред крајот е недостижен за единствениот конкурент Дани Педроса.
Лоренцо ќе се вклучи како учесник во Race of Champions и ќе направи демонстрација со својот мотор Јамаха. Трката, која ќе ги собере водечките пилоти во моторните спортови, ќе се одржи од 14 до 16 декември.
“Оваа година беше фантастична за мене и не ми текнува подобар начин да ја завршам од натпревар против најдобрите спортисти во светот”, изјави Лоренцо, кој ја освои својата прва титула во MotoGP во 2010 година.
Учество во Race of Champions веќе го потврдија легендата во мотоциклизам, Мајкл Дуан, Себастијан Фетел, Михаел Шумахер, новиот шампион во Индикар Рајан Хантер-Реј и Дејвид Култхард.
“Ќе биде предизвик да се соочам со нив во нивната игра. Со Мајк Дуан ќе покажеме дека можеме да се справиме многу добро и на четири тркала. Се надевам публиката ќе се забавува со нас”, рече Лоренцо.