Специјализираниот ракометен портал „Хендбол планет“ излезе со прогноза за пласманот на Светското првенство во Катар според која Македонија ќе го освои деветтото место.
Ако се покажат како точни овие прогнози, „црвено-жолтите“ групната фаза ќе ја завршат на третото место зад Хрватска и Тунис, а од нашата група во осминафиналето би се пласирала уште Австрија.
Во следната фаза Македонија би вкрстила и би изгубила од Словенија која Б групата според прогнозата ќе ја заврши на второто место, а шампионатот на седмата позиција.
Како главен фаворит за златниот медал порталот ја издвојува Франција, додека медали би освоиле и Данска и Хрватска. Во ТОП 5 „Хендбол планет“ ги смести уште и Полска и Шпанија.