Хамилтон: Потребна е нова структура, за се да биде фер

Од:

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон се огласи откако тој и возачот на Ферари, Шарл Леклер беа дисквалификувани од Формула 1 трката за ГН на САД во Остин.

Седумкратниот светски шампион минатата недела заврши на второто место во Остин, а Леклер беше шести, но по проверката и двајцата беа дисквалификувани затоа што подот беше поставен премногу ниско, што предизвика прекумерно абење.

Тој рече дека по трките треба да се прегледаат повеќе автомобили и дека многу од нив нема да ја поминат проверката.

„Лудо е што тестираа само четири болиди и 50 отсто од нив беа дисквалификувани. Имам информации дека и многумина имале неправилности на своите болиди, но се извлекле“, изјави Хамилтон, а пренесе Скај.

Освен болидот на Хамилтон и Леклер, прегледани се и болидите на победникот на трката во Остин, актуелниот шампион Макс Верстапен од Ред Бул и болидот на Мекларен на Ландо Норис.

„Кога имате рамна површина, секој ќе се обиде да го постави својот автомобил што е можно пониско. Некои автомобили подобро се справуваат со нерамнините од другите, а знаете дека имавме крут и нерамен болид во последните две години. Но, тоа не беше според прописите и тоа мора да се смени. Јас се тркам 16 години. Имаше многу сценарија каде луѓето се извлекуваа со одредени работи, а некои едноставно немаа среќа затоа што беа тестирани. Мислам дека треба да има подобра структура, во смисла се да биде фер“, додаде рекордерот по број на победи во Формула 1.

Норис рече дека ако има техничка неправилност на болидот на едната екипа, има големи шанси и другиот болид да е неисправен.

Не биле прегледани подовите на болидот на Ферари на Карлос Саинц и на автомобилот Мерцедес што го управувал Џорџ Расел. По дисквалификацијата на соиграчите тие се искачија на третото, односно петтото место.

Меѓународната федерација за автомобили (ФИА) по случаен избор ги проверува автомобилите за време на тркачките викенди и по трките. Управното тело на Формула 1 соопшти дека нема време да ги провери сите болиди за секое можно прекршување на правилата.

Формула 1 шампионатот продолжува викендов со Големата награда на Мексико во недела од 21 часот.

Би можело да ве интересира

Ферари преговара со Сајнц

А1он

Што да очекуваме по одложувањето на стартот на сезоната во Ф1?

Ландов

Формула 1, ФИА и локалните власти во Мелбурн разговараа за следните чекори по откривањето на коронавирусот во Мекларен

А1он