Синоќешниот успех на македонската фудбалска репрезентација и пласманот на Европското првенство не поминаа незабележани од грчките онлајн изданија на медиумите, како информативните, така и спортските, кои коментираат дека станува збор за „историска победа“ и „испишана историја“, јави дописничката на МИА од Атина.
„Историски пласман на Северна Македонија на Европско првенство“; „Пандев ја испрати Северна Македонија првпат на Европско првенство“; „Северна Македонија испиша историја: првпат се пласираше на европско“; се дел од насловите во медиумите во Грција по синоќешната победа над Грузија.
Коментаторот од спортскиот канал на „КосмотеТВ“, на крајот од натпреварот, ги потсети гледачите дека ова ќе биде прво учество на Северна Македонија на европско првенство.
-Голот на Пандев во 56 минута пишува историја за Северна Македонија, земјата што за првпат во нејзината историја обезбеди билет за европско првенство. Северна Македонија, следното лето ќе биде дел од ЕУРО 2021. Го гледате Ангеловски, гледате како слават играчите на теренот. Важна победа, историска победа во Тбилиси. Грузијците ја изгубија нивната историска шанса, на домашен терен да обезбедат билет, рече коментаторот на крајот од натпреварот за спортскиот канал на „КосмотеТВ“.
Видеата, како од славењето, така и од голот на Пандев, заедно со фотографии, ги пренесоа дел од медиумите во Грција.
Информативниот портал „Нафтемборики“ пишува дека „во четвртокот вечерта Северна Македонија испиша историја во Тбилиси“, а во слична насока се коментарите и на другите онлајн медиуми во Грција.
-Историска вечер за Северна Македонија, бидејќи со 1-0 беше подобра од Грузија во Тбилиси во првото финале од плејофот за ЕУРО 2020 и го обезбеди првиот од четирите „билети“ за последната фаза што ќе се одржи следното лето. Голот што го реши натпреварот го постигна најдобриот играч на победниците, Горан Падев во 56 минута, пишува информативниот портал „Зугла“.
Спортскиот портал „Он спортс“ додава дека „ избраниците на Игор Ангеловски постигнаа гол на осми последователен натпревар и останаа без пораз седми последователен натпревар“.