Вардар се врати на првото место во Б групата на ракометната Лига на шампионите по триумфот 25-20 вечерва над ППД Загреб. Вардарци одиграа одличен натпревар, во кој од самиот почеток наметнаа темпо, резултатска предност која на моменти изнесуваше и седум голови.
Тренерот Раул Гонзалез задоволен од постигнатиот резултат.
– Сакам да им честитам на моите играчи. Одиграа супер и секогаш е тешко да се игра против ППД Загреб. Сега сме прво место и малку ќе уживаме. Првото полувреме игравме добар ракомет, одбраната беше супер. Задоволен сум, искористивме многу напади и направивме добра разлика. Во вториот дел можеби не игравме на исто ниво како во првото полувреме, но генерално, тешко е да се држи ваков ритам против ППД Загреб. Важно е што сме на првото место. Но, имавме и некои проблеми во текот на мечот при играње 7 на 6, изјави Гонзалес на прес-конференцијата по натпреварот.
Најефикасниот играч на мечот Алекс Душебаев кажа дека победата е обезбедена по одличната игра во првото полувреме.
– Ние почнавме добро, и во првото полувреме одигравме одлично. И во второто полувреме добро почнавме, но во последните 15 минути кога тие напаѓаа со 7 на 6 имавме доста грешки. Тоа го издржавме. Задоволни сме за оваа победа, и сега треба да се спремиме за дуелот со ПИК Сегед, рече Душебаев.