Македонските кошаркарски репрезентативци го забележаа третиот пораз на Европското првенство, но сеуште имаат теоретски шанси за влез во следната фаза.
За тоа ќе биде потребна победа против Летонија со повеќе од девет поени разлика, како и порази на ривалите на Македонија во денешните и утрешните средби.
Попладнево во Јесенице, Босна и Херцеговина ја победи Македонија со 62:54. По четвртини: 15:16; 13:13; 17:12 и 9:21.
Слабата реализација и само три погодени тројки од вкупно 25 обиди, како и 11-те скокови помалку од противникот се главните причини за овој пораз на избраниците на Алеш Пипан.
Македонија добро го отвори натпреварот со 7:0 по само две и пол минути игра, на што Босанците одговорија со 10 поени во низа, а нивната највисока предност изнесуваше пет поени во средината на втората четвртина.
Лошата игра во нападот беше компензирана со цврстата одбрана на Македонците кои не и дозволија на Босна и Херцеговина да замине на полувреме со поголема разлика.
Нашите кошаркари најдобро одиграа во третиот период кој го завршија со предност од 45:41, по што следуваа најлошите 10 минути на првенството во последната четвртина.
Повторно најдобар во македонскиот состав беше Лестер Бо Мекејлеб со 19 поени, а двоцифрен ефект имаше и Перо Антиќ со 17. Предводници до победата на БиХ беа Мирза Телетовиќ со 22 и Нихад Ѓедовиќ со 20 поени.
Освен овој натпревар денеска во групата Б во 4. коло уште играат: Србија – Летонија (17:45 часот) и Литванија – Црна Гора (21 часот).
Следниот натпревар Македонија го игра утре во 14:30 часот против репрезентацијата на Летонија.