Фудбалската федерација на Македонија во соработка со УЕФА преку „Hat Trick III“ програмата за подобрување на фудбалска инфраструктура започна со изградба на терен со вештачка трева (без полнење со вештачка гума) од најновите типови за ФК Академија Пандев.
ФФМ претходно потпиша договор со Општина Струмица и клубот Академија Пандев за целосна изградба на терен со вештачка трева, како дел од фудбалскиот комплекс во градот Струмица.
– Сите ние сме исклучително благодарни за посветеноста на Горан Пандев кон македонскиот фудбал, како и неговото вложување во младите таленти, академијата и придонесот во развојот на нашиот фудбал. Изградбата на терен со вештачка трева за потребите на Академија Пандев е еден вид признание од соработниците и институцијата која го води нашиот фудбал кон тоа што Горан и Академија Пандев инфарструктурно го изградија во Струмица. Инвестициите од овој тип се клучни за развојот на фудбалот, а ние во Фудбалската федерација на Македонија сме подготвени позитивните искуства да ги претвориме во долгорочна соработка со сите поврзани субјекти, во правец на создавање на услови за развој на фудбалот, почнувајќи од најмладите категории, па сѐ до професионалниот фудбал, изјави генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски за веб страницата на федерацијата.
Во изминатиот период, Фудбалската федерација на Македонија со средства од “Хет-трик” програмата на УЕФА го финансираше поставувањето на целосно нова тревна подлога (тревни бусени) со модерен дренажен и систем за наводнувањена стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп, а исто така, постави и целосно ново рефлекторско осветлување.
Во најскоро време, ФФМ ќе ја пушти во употреба новата трибина на стадионот во Чаир, потоа целосно ќе го заврши и новиот терен на стадионот на ФК Ренова во Џепчиште, а еден од важните проекти кој се очекува да се финализира е стадионот „под Тумбе кафе“ во Битола. Во тек се градежни активности и изградба на нова трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, а ФФМ минатата недела го претстави основниот проект за западната трибина на Градскиот стадион во Штип. Како дел од ФИФА ForwardI програмата во постапка е поставување на рефлекторско осветлување на стадионот во рамки на тренинг центарот „Петар Милошевски“ како би можеле да се одигруваат ноќни меѓународни натпревари согласно категорија 2 од регулативите на УЕФА.
ФФМ во соработка со Општинските фудбалски Сојузи периодот, исто така, донираше повеќе од 12.000 столчиња за терените и стадионите низ државата.