Фудбалската федерација на Македонија со свои претставници учествуваше на вториот регионален состанок на федерациите од регионот во Опатија, заедно со своите колеги од БиХ, Црна Гора, Словенија, Србија и со домаќините од Хрватска.
Во Опатија беше разговарано за повеќе теми кои се заеднички за сите федерации. Главната тема на овој состанок беше заштита и безбедност на фудбалски натпревари, што секако е најголемиот проблем за сите учесници на овој настан. Стана збор и за актуелната состојба на ниво на ФИФА и УЕФА, регионалното натпреварување, новата улога на медијатор во преговорите помеѓу клубовите и играчите во трансферите и вработувањето, како и социјалниот дијалог меѓу здружението, клубовите и играчите.
Претставниците на здружението изразија силна загриженост за безбедносната ситуација на нивните стадиони. Тие за ваквата ситуација го известија и шефот за безбедност на УЕФА господинот Марк Тимер. Сите учесници беа единствени во ставот дека без интегрирано и ефикасно дејствување на државните институции ова прашање фудбалските организации нема да можат да го решат самите. Без тоа нема да може да им се овозможи на фудбалерите, нивните организации, како и најголемиот дел од навивачите да ја следат играта без вербално насилство, пиротехника и без инциденти.
Учесниците на средбата разменија информации за статусот на професионалните фудбалери, по што беше донесен заклучок дека националното законодавство треба да ги земе предвид спецификите и разликите во нивниот работен статус, вклучувајќи и финансиски бенефиции.
Организирањето на Регионалното натпреварување ќе биде една од темите на претстојниот состанок на претседателите, генералните секретари и членките на УЕФА кој ќе се одржи во септември оваа година.
Континуираната соработка поврзана со натпреварите, размената на искуства, вработувањето се очекува да продолжи и да биде подобрена на следниот состанок. Домаќин ќе биде Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина во Сараево. Настанот ќе се одржи во ноември оваа година.