Во „Куќата на фудбалот“ денеска беше презентирана програмата за годинашната ФАРЕ акциона недела против национализмот, расизмот и дискриминацијата во европскиот фудбал. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) активно е вклучена во кампањата поддршана од Македонскиот центар за култура и развој (МЦКР).
Македонскиот центар за култура и развој како кординатор на ФАРЕ активностите во соработка со ФФМ преку медиумска кампања ќе ја промовира ФАРЕ неделата против национализмот, разисмот и дискриминацијата во фудбалот.
Во деновите за одигрување на мечевите од редовните кола од првата и втората македонска фудбалска лига фудбалерите ќе излезат на терените со транспаренти со пораки против расизмот и национализмот во фудбалот.
– ФФМ дава целосна поддршка на сите активности поврзани со фер-плејот и борбата против насилствата, национализмот и расизмот на фудбалските терени. Во рамки на нашето членство во УЕФА, ние како федерација сме обврзани да се грижеме за развојот на играта и за надминување на сите видови недоследности и нарушувања. ФФМ активно учествува во програмата на УЕФА против расизмот и дискриминација во фудбалот, а го истакнуваме и задоволството од соработката со МЦКР. Повикуваме сите заедно, фудбалерите, клубовите, навивачите, судиите, невладините организации и сите граѓани да придонесеме во развој на навивачката култура во нашата земја и да станеме пример за достоинствено однесување, порача в.д. Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.
Своите активности ги претстави и Нелко Нелковски, претседател на МЦКР.
– Главната цел на кампањата на ФАРЕ е да се помогнат локалните иницијативи за да се отстрани национализмот расизмот и дискриминацијата на фудбалските стадиони. Целта на ФАРЕ е преку фудбалот да изнесат позитивни пораки,изјави Нелковски.