Вториот тенисер на светот Роџер Федерер изјави дека не е изненаден од добрата игра на Рафаел Надал на Индијан Велс. Шпанецот во четвртфиналето беше подобар од Федерер со 6:4, 6:2.
„Знаев дека тој не би се вратил ако не се чувствува добро. Очекував да биде супериорен на земјена подлога, а и овде да биде тежок ривал, што се покажа како точно“, изјави Федерер.
„Се гледа дека понекогаш е внимателен при движењата, што е потполно нормално со оглед дека долго нема играно на тврда подлога. Не знам всушност дали е тоа внимание или повторно се навикнува на бетон.
– Сепак ова е бавен бетон, може при ритерн да стои далеку зад основната линија. Не е толку брзо, за да мора молњевито да се реагира, но тој беше подготвен и на тоа“, додаде Федерер
Швајцарецот имаше многу проблеми со грбот изминатите денови, но не сака поразот да го оправда со тоа.
„Беше исто како против Вавринка, можев да играм. Мило ми е што бев на теренот и што се натпреварувам. Беше како беше, не сакам премногу да зборам за тоа и така да го намалам значењето на победата на Надал“, рече Федерер.