Завршницата од 23. издание на женскиот кошаркарски Куп на Македонија, на која ќе настапат екипите на Бадел 1862, Лотос, МНА Кожувчанка и Струга 2009, по три години повторно се враќа во Скопје. Салата „Градски Парк“ ќе ги пречека четирите најдобри екипи во сениорска конкуренција, како и двата финалисти во младинска конкуренција во текот на двата дена од викендот, на 21 и 22 март 2015.
Според системот за натпреварување, извлекувањето на полуфиналните двојки ќе биде полудиригирано со тоа што актуелниот освојувач Бадел и лидерот на табелата во Првата лига по првиот дел на сезоната, тимот на Лотос, меѓусебе ќе можат да се сретнат само во финалето.
Извлекувањето на полуфиналните двојки ќе се одржи в понеделник (16 март) во 12 часот во просториите на МКФ, кога ќе бидат соопштени и повеќе детали во врска со организацијата на Фајнл Фор турнирот, заедно со точните термини за почеток на натпреварите.
Покрај трите средби (две полуфинални и едно финале) во женска сениорска конкуренција, еден натпревар (финале) ќе се одигра и во младинска конкуренција, каде за пехарот ќе играат Бадел 1862 и Младост Битола.
Актуелен освојувач на Купот во женска сениорска конкуренција е Бадел, а кај младинките Кросиг.