Низ свечена церемонија одржана на плоштадот во Љубљана синоќа Генералниот секретар на ФИБА Европа, Камил Новак, за отворено го прогласи Европското првенство во кошарка 2013.
На свеченоста присуствуваа и претседателот и премиерот на Словенија, претседателот на Словенечката кошаркарска федерација, како и градоначалниците на четирите града организатори – Јесенице, Копер, Целје и Љубљана. Сите тие на учесниците им посакаа фер игра и промоција на спортскиот дух низ кошарката.
Церемонијата која траеше нешто помалку од еден час, беше зачинета и со музички точки и уметнички дела, вклопени низ претставувањето на сите 24 земји учеснички.
Дел од овој кошаркарски континентален собир ќе биде и репрезентацијата на Македонија која денеска против Црна Гора ќе го има првиот настап на овој евробаскет. Овој дуел е од Б групата која се игра во Јесенице.
Македонија го задржа речиси истиот состав од претходниот шампионат во Литванија кога беше четврта. И тогаш „црвено-жолтите“ стартуваа против Црна Гора кога загубија со 70:65 по продолженија.
Црногорците за разлика од Македонците во овој дуел влегуваат без предводникот од пред две години Никола Пековиќ, но сега го имаат новиот лидер Никола Вучевиќ од кого се очекува да им зададе најмногу проблеми под обрачите на Тодор Гечевски, Перо Антиќ, Предраг Самарџиски…
Натпреварот Македонија – Црна Гора започнува во 17 часот и 45 минути во салата „Подмежакла“ во Јесенице, а според најавите, бројни македонски навивачи се очекуваат на трибините, да им дадат голема поддршка на нашите кошаркари.
Покрај оваа средба, во рамки на групата Б денеска ќе играат: Босна и Херцеговина – Летонија и Литванија – Србија.