Кошаркарската репрезентација на Македонија денеска со почеток од 14 часот и 30 минути против Босна и Херцеговина ќе се обиде да дојде до втората победа и да ги задржи шансите за пласман во следната фаза на Евробаскетот во Словенија.
Двата противника неодамна одиграа пријателски натпревар кога во финалето на подготвителниот турнир во Улм (Германија), Македонија победи со 94:83.
За ралика од тогаш селекторот Алеш Пипан ќе го има на располагање капитенот Перо Антиќ, а нема да можe да смета на повредениот Ѓорѓи Чековски, најдобриот поединец на таа средба со постигнати 33 поени.
Македонија и БиХ одиграа дуел и на претходното ЕП во Литванија пред две години. Победија Македонците со 75:63.
Освен овој натпревар денеска во групата Б која се игра во Јесенице, во 4.коло уште играат: Србија – Летонија (17:45 часот) и Литванија – Црна Гора (21 часот).
Литванија, Србија и Летонија имаат по две победи и еден пораз, додека Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора се со биланс од една победа и два изгубени натпревара.