Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Јорданчо Давитков од денес ќе може да смета на натурализираниот Македонец Џордан Теодор кој претпладнево пристигна во Скопје.
– Џордан Теодор е во Скопје! Сениорската репрезентација е комплетирана!, објави Македонската кошаркарска федерација преку својот Фејсбук профил.
27-годишниот Теодор е играч на Банвит и беше прогласен за најкорисен играч изминатата сезона во ФИБА Лигата на шампионите на ФИБА. Се очекува да биде од голема помош за Македонија во претквалификациите за СП против Естонија и Косово.
Репрезентативците се наоѓаат во Маврово каде до крајот на тековната недела ќе ги одработуваат „висинските“ подготовки. По пет дена во Маврово, македонската репрезентација на 8 јули треба да замине за Словачка каде ќе одигра пријателски двомеч со домашната селекција. Потоа следи натпревар во Скопје против соодветната селекција на Бугарија, неколку дена пред почетокот на традиционалниот турнир кој се одржува в Скопје, „Трофеј Македонија“.