Сите осум спотистки во бадминтон од Кина, Јужна Кореја и Индонезија кои беа обвинети за повреда на фер-плејот и неспортско однесување се дисквалификувани од олимпискиот турнир во Лондон со одлука на меѓународната федерација во овој спорт.
Oсумте натпреварувачки во бадминтон беа претходно суспендирани и против нив Меѓународната федерација во бадминтон започна истрага, по синоќешниот скандал на олимписките мечеви во женски двојки меѓу Кина и Јужна Кореја, како и меѓу Индонезија и Јужна Кореја.
И во двата меча, олимпијките од овие три земји настојуваа по секоја цена да доживеат пораз, што ја револтира многубројната публика во Вембли арената и ги натера судиите на неколкупати да ги предупредат натпреварувачките да играат спортски. Тоа беше особено видливо на мечот меѓу Кинеските и Јужнокорејките кои како да се натпреваруваа која повеќе ќе погреши. Тие намерно погрешно сервираа, удирајќи го топчето во мрежата, или исфрлајќи го надвор од теренот.
Познавачи на оваа игра објаснија дека двете двојки кои веќе ги минаа квалификациите, сакале да загубат за да добијат полесни противници во следниот меч.
Кина која остро реагираше на обвинувањето за земање допинг на кинеската млада пливачка Је Шивен, предизвикувајќи расправија со САД, не го коментира скандалот со нејзините натпреварувачки во бадминтон, додека претставник на делегацијата на Јужна Кореја, се обиде да ги оправда спортистките дека се „чувале енергија за следните натпревари“.
Така не мислеше Меѓународната федерација во бадминтот, па за сите осум натпреварувачки Олимпијадата во Лондон заврши на неславен начин.
Засега не е јасно кој им наложил на натпреварувачките да не играат фер едни против други, но претседателот на Организацискиот комитет лорд Коу на прес-конференција го осуди таквото однесување, нарекувајќи го неспортско и депримирачко за целиот спорт.
Ова е првпат досега на една Олимпијада да биде регистриран ваков скандал.