Најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски, триумфираше на Скопскиот маратон со фантастично време од 2:14,50 часа, оставајќи ја зад себе конкуренцијата од Кенија и други држави.
Нашиот маратонец одлично ја темпираше трката — долго време беше во водечката група, потоа падна на втората позиција, но со моќен финиш успеа да го престигне кениецот Џулијан Кипкоеч и по вторпат да се закити со титулата на домашниот маратон.
Кипкоеч заврши втор со заостанување од 30 секунди, а третото место му припадна на грузискиот Давити Каразишвили.
Во женска конкуренција трумфираше Кенијката Ирине Џеруто, второто место ѝ припадна на Маринела Нинева од Бугарија која патеката ја истрча за 2:45:36 часа, а трета беше Ана Јусупова од Азербејџан со време 2:48:10 часа.
Во полумаратонската трка најбрзо време истрчаа Албион Имери во машка и Греса Бакрачи во женска конкуренција. Имери патеката ја истрча за 1:07:57 часа, а зад него беа македонските натпреварувачи Иван Пешовски на второто место со време од 1:11:30 часа и Александар Арсов на третата позиција кој истрача за 1:12:52 часа.
Во женска конкуренција, на полумаратонската трка победи Греша Бакрачи од Косово. На втората и третата позиција се најдоа македонските натпреварувачки Теа Божиновска која беше втора со време од личен рекорд 1:21:10, а третата позиција ѝ припадна на Милјана Ристиќ-Стојчевска.
Во најмасовната трка на пет километри, на која на стартот се појавија околу 10 000 учесници, победија Григоријан Никовски и Ирма Хајдари.
Во штафетниот маратон – ЕУ за спорт, победата во машка конкуренција ја однесе екипата „Врањски маратонци“ со време со 2:26:34 часа.