Сега процедурата ни е добро прозната. Блескава сцена, на која се шетаат највисоки претставници во скапи костуми и коверт кој драматично се отвора. Потоа, изблик од радост на претставниците за успешното наддавање.
И покрај овие регуларни, еуфорични сцени, изгледа дека не секоја држава има аспирации да биде домаќин на голем спортски настан. На почетоков на месецов, Норвешка се повлече од својата кандидатура да биде домаќин на Зимските Олимписки игри во 2022 година, откако претходно тоа го сторија и Стокхолм, Краков и Лвов во Украина, кои се повлекоа од процесот за домаќини на овој турнир.
Минхен, кој исто се очекуваше да се кандидира, реши да не учествува, по одржаниот референдум.
– Резултатот не беше против спортот, туку против нетранспарентноста и алчноста за профит во Меѓународниот олимписки комитет (МОК), рече Лудвиг Хартман, голем кампањер против олимписките игри и пратеник од Зелената партија во парламентот на Баварија.
И покрај неколкуте обиди, МОК не одговори на барањето од Си-Ен-Ен за коментар .
Полската кандидатура и заедничкиот обид на Давос/Сент Мориц исто пропаднаа кога на тамошните гласачи им беше дадена шанса да кажат што мислат.
– Одлуката на Осло беше и од финансиски и од политички причини, рече за Си-Ен-Ен Инге Андерсен, генералниот секретар на Норвешкиот олимписки комитет.
Скапа авантура
Последните Зимски олимписки игри, кога домаќин беше Сочи во Русија, чинеа речиси 50 милијарди долари.
Таканаречената листа на „барања“ од МОК за делегациите – што вклучува првокласен третман, како што е цел ВИП спрат во хотел во Осло, потоа приоритетни сообраќајни рути и Самсунг телефони за делегатите од МОК, како и црвен килим на пристигнувањето за шефот на Комитетот, Томас Бах – беа потенцирани во техничките барања кои им беа дистрибуирани на градовите кандидати. Примерокот кој беше испратен во Осло беше објавен во норвешките медиуми.
Како одговор на барањата, од МОК објавија изјава во која стои: „МОК се си плаќа, и секогаш ќе си плаќа за своето смествување. Таканаречените „олимписки сообраќајни рути“ не се бараа во секој град, туку онаму каде би било адекватно да се имаат… Олимписки рути, онаму каде што е тоа можно, се за да се овозможи Олимписките игри да се одржат во закрчени со сообраќај градови и за натпреварите да започнат на време, така што секој настан да им биде овозможен на гледачите во целиот свет“.
Во изјавата се продолжува: „Таканаречените `барања` во техничките упатства не се нешто посебно. Се е кажано многу јасно дека се ова мали сугестии и совети на основа на здобиентите искуствата од претходните организатори на игрите“.
Сепак, многу Норвежани не се согласуваа со ова.
– Јавното мислење беше дека `сугестиите` од МОК беа повеќе барања, рече Андерсен, „и го одразуваат општото мислење за МОК дека е дистанцирана, недемократска организација со нелогични и неразбирливи препораки“.
Во друга изјава од МОК стои дека ова е изгубена шанса и дека Норвешка би имала корист од инвестицијата од 880 милиони долари за организацијата на игрите.
Со повлекувањето на Осло, во трката остануваат два града: Алма Ата во Казахстан, и кинеската престолнина Пекинг, која беше домаќин на Летните олимписки игри во 2008 година.
Андерсен додаде дека недостигот од интерес за домаќин на игрите во 2022 година може да го натера Комитетот да направи промени во процесот на наддавање.
– Веруваме дека ова исто така испраќа сигнали до МОК дека се неопходни промени, меѓу кои и подигнување на транспарентноста во самиот процес.
Дали привлечноста избледува?
Без разлика дали причината е политичка, финансиска или двете заедно, привлечноста од органзирањето на големи спортски настани за некои држави почнува да се губи.
Додека политичките натегања го засенија Светскиот фудбалски куп во Бразил во 2014 година, а стадионите „бели слонови“ беа белег како земја домаќин за Јужна Африка на Светскиот куп во 2010 година, некои западни демократии изгледа се тргаат настрана од организацијата на најголемите спортски забави во светот.
– Најлошата опција е црвсто да се фатиме за еден град… а потоа проектот да не биде поддржан, рече за Франкфуртер алгемајне цајтунг Алфонс Хорман, претседателот на Германската олимписка спортска федерација (ДОСБ) во врска со можноста Германија да биде домаќин на Летните игри во 2024 година.
Тој рече дека повторувањето од недостиг на поддршка од јавноста го натерало Минхен да се откаже од кандидатура за Зимските игри во 2022, и „тоа не смее повторно да ни се случи“.
Нови хоризонти
Додека западните демократии изгледа се повеќе ги слушаат гласачите во своите земји и обраќаат повеќе внимание за трошоците за надавањето и за организацијата како главен фактор, сепак постојат голем број на држави кои ја гледаат користа од шансата да бидат земја-домаќин на турнирите, и предностите која може да биде извлечена од мал добронамерен ПР, додека погледот на светот е фокусиран кон нив.
– Големите спортски настани се единствена можност да се демонстрира капацитетот на државата или економијата, да се покаже моќ, да се исполира имиџот, внатрешно да се подигне идентификацијата, за Си-ЕнЕн рече Силвија Шенк, поранешна атлетичарка и истакнат експерт за согласност.
– Авторитарната власт не ги прашува своите граѓани и самата си троши пари за организација на голем спортски настан. Тие одлучуваат за приоритетите, додека земји како Швајцарија, Норвешка или Германија, мора да ги прифатат демократските одлуки.
Покрај одлуките на ФИФА да им додели права да бидат земји-домаќини на Катар и Русија, а МОК на Казахстан или на Кина, бројот на авторитарни или полуавторитарни домаќини во трките во календарот за Формула 1, пораснале од една во 1999 (или за 6 проценти од вкупниот број на трки) на шест (или 31 проценти од трките) за оваа година, што е најголем број во историјата во било која досегашна сезона на Ф1.
– Ќе речам нешто што е лудо, но помалку демократија понекогаш е подобро за организација на Светскиот куп, во април рече Жером Валке, генералниот секретар на ФИФА на симпозиум пред Светскиот куп во Бразил 2014, споредувајќи го организирањето на настанот таму со оној во Русија во 2018 година.
– Кога имате многу силен шеф на држава кој може да одлучува, како што можеби може да решава рускиот претседател Владимир Путин за 2018 година, тоа е полесно за нас организаторите отколку за земји како што е Германија… каде морате да преговарате на разни нивоа“.
Како и да е, Шенк смета дека има серија од доделени организации на големи спорстки настани во земји како што се Русија, Кина или Катар, но тоа не мора да значи дека се случуваат промени.
– Денес има се повеќе авторитарни држави кои можат да си дозволат да трошат пари за организација на големи спортски анстани, има многу „новозбогатени“ држави како што се на пример Катар или Азербејџан. Ова го создава впечатокот дека постои некаков тренд. Но и Ванкувер, Лондон и Токио исто така наддаваа и беа домаќини на големи спортски настани.
– Така што излегува дека нема некој посебен тренд. Има само последици од глобализацијата, нови богати држави и тешки дискусии и скептицизам во некои демократски држави кои понекогаш водат до повлекување на кандидатурите.
При објавата дека Русија и Катар се победнции во наддавањето за Светскиот куп во 2018 и во 2022 година, претседателот на ФИФА, Сеп Блатер, рече дека одлуката само ја одразува желбата организација да се прошири во глобални рамки.
– Одиме во нови земји, беше цитиран Блатер од Ројтерс. „Светскиот куп никогаш досега не бил во Русија или во источна Европа, а Блискиот исток и арапскиот свет чекаа веќе долго време. Затоа сум среќен како претседател кога зборуваме за развојот на фудбалот“.
Загриженост заради состојбата со човековите права
Сепак останува загриженоста од идните земји-домачини.
Двете држави кои останаа во трката за Зимските олимписки игри во 2022, беа критикувани од организациите за човекови права. Хјуман рајтс воч во својот извештај за 2014 година го означи Казахстан како „сиромашен“, при што како најзагрижувачки се наведни кршењето на правото за слобода на говорот, политичките судења и тортурата врз затворенците.
Амнести интернешенел исто така жестоко се огласи заради третманот на Кина врз своите граѓани. Во својот извештај за 2013 година, земјата беше критикувана заради „забраната“ за активизам, и заради „мноштвото апсења, повреда на личните права, притворања и присилни исчезнувања“.
Ниту казачките, ниту пак кинеските министри за надворешни работи не одговорија на барањето на Си-Ен-Ен за коментар, но двете земји ги бранеа своите состојби во однос на човековите права во минатото.
Исто така има загриженост во однос на земјите домаќини на Светскот фудбалски куп во 2018 и 2022 година, Русија и Катар, затоа што двете се обвинети за кршење на човековите права и, во случајот со Катар, заради третманот на емигрантите работници кои ја работата на изградбата на инфраструктурата за финалето во 2022 година.
Од своја страна, Катар рече дека направиле голем прогрес во справувањето со овој проблем и се обврзаа за работни реформи и поголеми права за работниците. Истовремено, Русија веќе одамна ги негира тврдењата за кршење на човековите права.
Шенк рече дека организацијата на голем спортски настан може често да биде моќна сила за промени. Таа го наведува успехот на Параолимпијадата во Пекинг, како начин да се истакнат правата на лицата со посебни потреби во Кина, и рече дека Катар како земја домаќин исто ја зголемила контролата на светската јавност врз земјата.
– Светскиот куп на ФИФА во Катар беше во фокусот на јавноста заради грозните работни услови на работниците емигранти, рече таа за Си-Ен-Ен. „Никој јавно не беше загрижен се до пред 18 месеци. Меѓународните синдикати се сега среќни што земјата ја доби организацијата и тоа беше потпора за разговари за овој проблем“.
Тензиите помеѓу Русија и Украина и анексијата на Крим од страна на Москва, исто така отворија некои прашања, меѓу кои и од британскиот заменик премиер Ник Клег, за адекватноста на земјата да биде домаќин на голем светски спортски настан.
Исто се појави загриженоста за безбедноста на фановите хомосексуалци кај конзервативните Русија и Катар, па во 2010 година набрзо откако беше најавено доделувањето на организацијата, претседателот на ФИФА, Сеп Блатер, се обрати по повод ова прашање: „Дефинитивно живееме во свет на слободи и сигурен сум дека кога Светскиот куп ќе се одржи во Катар во 2022, нема да има проблеми“.
Извештајот Графт
Исто нараснаа и прашањата околу корупцијата кои ја обвиваат организацијата на Светскиот куп во Катар. Истражувачот за етика во ФИФА, Мајкл Гарсија, помина 18 месеци составувајќи извештај за можните етички прекршувања кои влијаеле на одлуката да им се доделат турнирите во 2018 и 2022 година на Русија и Емиратите. Сепак, ФИФА потврди дека извештајот можеби и нема јавно да го објави,
Од своја страна, ФИФА изјави дека овој чекор е за да се заштитат идентитетите на оние кои сведочеле.
– Причината зошто извештајот на истражувачката комисија не може во целост да се објави е се разбира со цел да се заштитат засегнатите лица, рече Ханс Јоаким Екерт, претседавач на сидската комисија на независниот Етички комитет, за време на Светскиот самит за етиката во спортот.
Светски познатите личности кои се во оваа игра, како што е шефот на УЕФА, Мишел Платини, и поранешниот германски капитен Франц Бекенбауер – заедно со самиот Гарсија – побараа извештајот да се објави, или барем достапен до јавноста да биде поголем дел од него.
Бекенбауер негираше дека му било понудено какво било поттикнување за да го пресврти гласањето на неговиот извршен комитет, на панел за спортот на конференција во Лондон минатата недела рече: „Ако немате што да криете, тогаш можете да го објавите и да го откриете“.
Неговите коментари следат по повикот на сегашниот шеф на УЕФА, Платини, да се објави документот. „Се додека се почитуваат регулативите на ФИФА за етичкиот код во однос на актуелната истрага, јас го поддржувам објавувањето на извештајот на Гарсија“, рече Французинот за Си-Ен-Ен на почетокот на октомври.
– Јас немам проблем откритијата и препораките во извештајот да бидат достапни за јавноста.
Портпарол на ФИФА за Си-Ен-Ен рече: „Не можеме да шпекулираме што ќе се случи, се додека целиот процес на истрагата не заврши и не донесеме заклучоци“.
Заземање морален став?
Па дали организациските комитети на светските спортски настани имаат морална обврска да избираат кандидати за кои постои сомнеж дали се морално адекватни?
Шенк вели дека системот на владите во земјите не треба да влијае врз нивното право да организираат светски спортски настани.
– Сигурно дека постојат земји на кои не треба да им се додели организацијата на голем спортски настан, но ова треба да се решава случај по случај. Големите спортски настани носат социјални промени, тие можат да помогнат земјата да тргне кон повисоки стандарди, рече таа за Си-Ен-Ен во одговор по е-пошта.
– Се се врти околу развојот, позитивното влијание од голем спортски настан кој може да се има и се разбира, јасните правила за самиот настан. Организациските комитети мораат да бидат независно мониторирани и да донесат свои правила кои овозможуваат високи стандарди за сите чекори кои ќе се направат.
Минатата недела, на новиот автодром во Сочи, додека Путин му го предаваше пехарот на победникот на Формула еден – што само по себе и невообичаен потег од највисок ранг – тоа најверојатно ја потврди информацијата дека Русија платила 50 милиони долари за да го одржи тој настан.
Исто како и вбризгувањето нов живот во крајбрежниот град кој финасиски пропадна откако минатиот февруари беше домаќин на голем настан, минатата недела гламурозното шоу на Формула еден уште еднаш го привлече светското внимание кон земјата – а голем придонес за земјата домаќин даде и позитивниот ПР за самата организацијата на голем спортски настан.
Постојат многу земји кои сакаат да бидат домаќини на големи светски спортски нстани. Дали нивните граѓани сепак се согласуваат, може да зависи од тоа дали ќе им се даде шанса да го искажат своето мислење.
Си-Ен-Ен – Атланта