На штотуку завршеното Светско екипно првенство за жени во Рапид шах што се одигра од 05-12 септември Полска првото место го освои екипата на Грузија, и со тоа вторпат во својата историја стана Светски екипен шампион во Рапид шах.
Членките на ШК Алкалоид, ВМ Котенашвили Бела и ВМ Јавакхишвили Лела одиграа клучна улога во остварување на овој голем успех. Пред неполн месец, тие со екипата на ШК Алкалоид го освоија Шампионатот на Македонија за жени.
Покрај нив за Грузија настапија и ИМ Арабидзе Мери, ВМ Батсиашвили Нино и ИМ Мелиа Саломе. Интересен факт е дека екипата на Грузија во ист состав стана Светски шампион и во 2015 година. Повторувајќи го тој успех Грузија ја продолжи низата на одлични резултати на европските и светските првенства во женска конкуренција, потврдувајќи го статусот на шаховска велесила. Како што е добро познато Грузија има две светски шампионки во женска конкуренција Нона Гаприндашвили (1962-1978 година) и Маја Чибурданидзе (1978-1991 година).
На Светскиот шампионат настапија најдобрите дванаесет селекции поделени во две групи. Потоа првопласираните четири екипи од секоја група играа по куп систем на елиминации, во секое коло се играа по два меча. До шампионскиот трофеј екипата на Грузија стигна победувајќи ја во четвртфиналето екипата на Кина. Најнеизвесен беше дуелот во полуфиналето против екипата на САД кој Грузијќите го добија победувајќи во дополнителениот меч откако по првите два меча резултатот беше изедначен. Во финалето искусната екипа на Грузија оствари убедилива победа против младата и талентирана екипа на Казахстан победувајќи во двата меча со 2,5-1,5 и 3,5 – 0,5.