Киелце е фаворит, но ние со помошта од нашата публика која ќе ни биде ветер во грбот можеме да стигнеме до позитивен резултат. Свесни сме дека не може секогаш да победуваме, но доколку не направиме многу технички грешки и ако играме трпеливо во нападот ќе може да се надеваме на успех и на овој дуел, рече на денешната прес-конференција Лино Червар, тренерот на македонскиот ракометен шампион Металург, пред неделното дерби во Лигата на шампионите против полскиот претставник Киелце.
Червар со доделувањето на фаворитската улога на полскиот шампион укажа на силината и квалитетот на Киелце.
– Тоа е најдобриот полски клуб во кој играат многу интернационалци, пет Хрвати, еден Србин, еден Словенец, како и најдобрите полски ракометари. Тие не кријат дека целта им е настап на завршниот „фајнл фор“ турнир во Келн. Најсилно оружје им е нивната транзиција. Ќе ја казнат секоја наша техничка грешка и затоа треба да бидеме многу внимателни и да не им дозволиме многу контри, истакна македонскиот тренер.
Тој потенцира дека приоритет е влез во ТОП 16 во Лигата на шампионите, но кога веќе се создаде убава можност да се биде на едно од првите две места во групата, „металурзите“ треба да ја искористат оваа шанса, затоа што во тој случај реваншот во следната фаза би го играле на домашен терен.
Натпреварот од 5.коло во Лигата на шампионите меѓу Металург и Киелце, двете екипи со максимални четири победи во досегашниот тек во групата „Ц“, ќе се одигра в недела во „СЦ Борис Трајковски“ во Скопје со почеток од 18 часот. Сите билети за овој натпревар се распродадени.