Еден од најталентирани европски кошаркари Бугаринот Јордан Минчев од денеска е нов член на МЗТ Скопје Аеродром. Тој во „Јане Сандански“ доаѓа како позајмен играч од таборот на европскиот шампион Фенербахче.
Станува збор за 19-годишен кошаркар кој игра на позициите бек-шутер и ниско крило и кој лани потпиша шестгодишен договор со тимот од Истанбул како една од идните ѕвезди на турскиот гигант.
Своето професионално деби го имаше во софиски Левски во сезоната 2014/15 и зад себе има пет настапи во АБА-лигата, 27 средби во првенството на Бугарија и 14 натпревари во Балканската лига (БИБЛ). Во февруари годинава беше позајмен на српскиот тим Вршац. Минчев е и актуелен бугарски репрезентативец.
– Ангажманот на Минчев е плод на добрата соработка на МЗТ Скопје Аеродром со челните луѓе на Фенербахче, која би требало и да се засили во периодот кој претстои. Тој е веќе во Скопје, ќе биде дел од експедицијата која утре ќе замине за Белград на задутрешниот меч против ФМП, но дебито во сино-белиот дрес ќе го има следниот понеделник во мечот од 3. коло од АБА-лигата на домашен терен против Задар, информираа од таборот на македонскиот шампион.