Ракометарите на Металург во недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 17:00 часот го пречекуваат тимот на Бешикташ во потрага по прв триумф во Лигата на шампионите. Екипата од Автокоманда се надева дека конечно ќе запише победа во оофицијален натпревар во новата сезона, откако досега доживеаја пораз во најпрестижното ракометно натпреварување во Европа од Спортинг Лисабон.
Тренерот на металурзите, Данило Брестовац, на редовниот прес пред мечевите во ЛШ изјави дека со паметна игра, тимот може да стигне до добар резулат.
– Конечно сме комплетни, работиме добро. Моите очекувања се дека ќе победиме, ќе се обидеме да пружиме добар натпревар, но не само 30 минути како на претходните натпревари. Имаме и ротација, која ни недостасуваше на претходните дуели. Со помош на публиката, со добра и паметна игра во напад, мислам дека можеме да стигнеме до добар резултат, изјави денеска Брестовац.
Ракометарот на Металург, Мартин Велковски изјави дека во ЛШ нема лесен меч и дека очекува неизвесен дуел против турскиот тим.
– Нема лесен меч во ЛШ и секој освоен бод е успех. Бешикташ е добра екипа, потребна ни е добра игра во одбраната за да дојдеме до позитивен резултат. Сме играле со нив неколку пати и секогаш натпреварите беа тесни, изјави Велковски.