Хероината од Азиските игри во 2018 година, јапонската пливачка Рикако Ике, обезбеди настап на Олимписките игри во Токио, нешто повеќе од две години откако и беше дијагностицирана леукемија.
Во јапонските квалификации во дисциплината 100 метри делфин, нејзиното време од 57.77 секунди не беше доволно за поединечен настап во Токио, но беше доволно за пласман во јапонската мешана штафета.
Ике мина десет месеци во болница од февруари 2019 година, а на тренинзите им се врати дури во март оваа година.
-Не бев толку самоуверена како во квалификациите пред пет години и не очекував дека ќе се квалификувам. Моите мисли веќе беа насочени кон Игрите во 2024, изјави 20-годишната Ике, која на Азиските игри 2018 освои шест златни и две сребрени медали.