Фудбалска Македонија се уште го слави пласманот на Европското првенство, и во хотелот на репрезентацијата е распеано, но селекторот Игор Ангеловски сериозно им приоѓа и на двата наредни натпревари од тековниот циклус во Лигата на нации. На 15 ноември во Скопје гостува Естонија, а со оглед дека ќе ги нема на располагање капитенот Горан Пандев, повредениот Аријан Адеми, поцрвенетиот Столе Димитриевски и пожолтениот Езгјан Алиоски, селекторот повика тројца фудбалери од младата селекција до 21 година.
Дарко Чурлинов, Тодор Тодороски и голманот Ристе Јанков ќе се приклучат на А тимот и ќе конкурираат за место против Естонците. Јанков ќе биде достапен и за настап и во младата селекција за дуелот против Црна Гора на 17 ноември, што значи дека нема да патува со А-тимот за Кипар на натпреварот против Ерменија.