Аргентинскиот амбасадор во Велика Британија, Алисија Кастро побара јавно извинување од екипата на популарната телевизиска емисија за автомобилизам „Топ Геар“ и од Би-Би-Си, како нејзин продуцент, поради „скандалот“ околу правењето на посебна програма за Аргентина.
Амбасадорката Кастро соопшти дека има вложено формален протест до Би-Би-Си, но дека сега бара и извинување за, како што вели, „провокативното однесување“ на членовите на екипата и за „невредливите коментари“ кон аргентинските власти и кон „народот на Аргентина“.
Таа ги обвинува членовите на екипата на „Топ Геар“ а посебно водителот Џереми Кларксон, за упатените „лажни обвинувања“ за тоа дека Аргентинците се непријателски расположени кон Британците кои живеат во оваа јужноамериканска земја.
Кларксон, заедно со неговите постојани соработници, Ричард Хамонд и Џејмс Меј, како и со целата екипа што учествува во правењето на емисијата, престојуваа во Аргентина, за да направат една специјална емисија за оваа земја, за Божикните празници. Со три автомобили тие требаше да го поминат најпознатиот автопат во Јужна Америка, возејќи низ Патагонија,од Буенос Ајрес до крајниот југ на континентот, Огнена Земја и Ушуаија.
Снимањето беше прекинато откако екипата беше нападната од демонстранти, па тие оставајќи ги возилата на патот, со безбедносна придружба беа одведени на аеродром од каде се вратија во Велика Бритаиија.
Водачот на програмата, Кларксон изјави дека морале да бегаат пред „толпа разулавени Аргентинци“ кои сакале да ги натепаат. Тој и другите тврдат дека нивните возила биле каменувани, како и дека имало постојано протести пред хотелот во кој отседнувале кои им се заканувале дека ќе ги запалат заедно со возилата.
Како причина за ваквиот гнев, медиумите во Јужна Америка ја посочуваат регистарската табличка на едно од трите возила, за која се тврди дека оставала „алузија“ на фокландската војна од пред 32 години.
Автомобилот што го возел Кларксон имал табличка-Х982 ФКЛ-при што бројките ја означуваат годината 1982, кога Аргентина изврши инвазија на Фокландите, по што интервенираше Велика Британија, чија армија по 70 дневна војна, ги ослободи островите. Буквите на табличката, пак, се смета дека се ознака за овој архипелаг во Јужниот Атлантик.
Еден од продуцентите на програмата, тврди дека причина за бегството од Аргентина не била „спорната табличка“ а Кларксон и другите водители велат дека таквите нејзини ознаки се „чиста случајност“.
Амбасадорката Кастро, не се занимава со причините за случајот, туку е огорчена од однесувањето на водителите и од нивното „лажно обвинување“ кон Аргентина. Таа инсистира дека ништо од она што го тврдат водителите, не се случило.
Официјален Буенос Аирес веќе пет години води „војна со зборови“ со Лондон, околу суверентетот на Фокландите. Расправијата се покрена откако во крајбрежното океанско дно, беа откриени резерви на нафта.