Околу 400 ултра левичари се собраа денеска на протест во источен Лондон, во реонот каде се наоѓа Олимпискиот Парк, го изразија незадоволството против „корпорациското профитерство и Олимпијадата на компаниите”, како што тие ги нарекуваат Игрите кои вчера вечер беа свечено отворени во британскиот главен град.
Тие тврдат дека не се против спортот, ниту против одржувањето на Олимписките игри, но се против се она што оди зад спортот, а пред се, тие се против профитот, кој и од спортот и од Олимпијадите го извлекуваат компаниите.
„Ние не прифаќаме Олимпијада на разните компании, што на овие Игри ни ја нудат Дејвид Камерон и лорд Коу, претседателот на Организацискиот комитет“, изјави претставник на одборот што ги организира овие протести.
Демонстрантите се гневни што организацискиот комитет им дава бесплатни влезници на спонзорите на Олимпијадата, протестираат против ограничувањата во градскиот сообраќај за време на Игрите, а посебно против лентата за спортистите и гостите на Игрите, во која не смее да влегуваат ниту таксистите.
Тие го осудуваат организацискиот комитет и затоа што „го исклучил локалниот бизнис од Игрите“.
Меѓу демонстрантите се наоѓа и пратеникот во британскиот Парламент Џон Мекдонел, кој му припаѓа на крајно левото крило на Лабуристичката партија. На својот марш низ источен Лондон демонстрантите поминаа и низ населбите чии жители беа против поставувањето ракети земја-воздух во тој дел од градот, како дел од безбедносните мерки за ова Олимпијада.