Поранешниот капитен на кошаркарската репрезентација на Македонија, Перо Антиќ, покренал граѓанската тужба против полицијата на Њујорк, поради нелегално приведување.
Во периодот кога Антиќ настапуваше во НБА лигата, во тимот на Атланта, на 8.април минатата година, тој заедно со соиграчот Табо Сефолоша беше приведен пред клубот „10 АК“.
Антиќ и Сефолоша, како што тогаш објави полицијата на Њујорк, биле приведени бидејќи не им дозволувале на полицајците да си ја вршат својата должност.
Македонецот беше обвинет за непримерно однесување, попречување на полицијата и за напад од втор степен, но судењето кое беше закажано за септември минатата година, не се одржа бидејќи обвинителството ги повлече обиненијата против кошаркарите на Атланта.
„Полицијата на Њујорк направи грешка кога го приведе Антиќ, сега ќе треба да плати поради таквото однесување“, рекол адвокатот на Антиќ, Алекс Спиро.
За нарушен углед, предизвиката душевна болка, незаконско држење во притвор и кршење на граѓанските права Антиќ од њујоршката полиција бара 25 милиони долари.