Шахистите на повеќекратниот македонски шампион, ШК Алкалоид, го стартуваа настапот на Светското екипно првенство за сениори во Струга со беспрекорен триумф од 4:0, остварен против вториот американски тим на шампионатот.
Првенството се игра во две старосни категории, за играчи над 50 години и за играчи над 65 години, при што Алкалоид настапува во првата.
Во партиите каде што нашите велемајстори ги водеа белите фигури, на првата и третата табла, противниците се обидоа да парираат во Сицилијанска одбрана. ВМ Трајко Недев демонстрирајќи одлична стратегија, во за него позната варијанта дојде во надмоќна позиција и со тивка, мирна и лесна игра успеа да освои пешак, а и со тоа и да ја собори целата позиција на противникот. ВМ Звонко Станојоски после еден превид од својот противник брзо освои квалитет и дојде во добиена позиција. Сепак, партијата траеше малку подолго заради тоа што Станојоски не сакаше да му даде никаква шанса на својот противник и ја доби партијата во завршница. На овој начин беа остварени првите две победи и резултатот беше отворен на посакуван начин, со водство од 2:0.
На втора табла, ВМ Влатко Богдановски, со црни фигури исто така одлучи да игра Сицилијанска одбрана, што е мал раритет во смисла на претходниот негов репертоар, ретка варијанта „Свешников“ преку која брзо дојде до изедначена позиција, по што успеа да наметне една полу-позициона, полу-тактичка игра, за на крајот неговото големо искуство да дојде до израз и ја доби партијата на мошне убедлив начин. Обратно од ова, ВМ Кутиров играше добро познат Каро-Кан и користејќи ја неамбициозната игра на противникот успеа да наметне свој ритам, свој стил на игра, малку ја изаостри позицијата, но иако ја доби партијата во длабока дамска завршница, многу пред тоа се знаеше дека ќе биде таков исходот.
„Фармацевтите“ го стартуваа турнирот како четврти носители, ранг направен според просечниот рејтинг на првите четири пријавени играчи од нивниот состав, но на таа листа се само за два поена послаби од треторангираната Италија и еден поен подобри од петторангираниот тим на Исланд.
– На почетокот од летото имавме заеднички теоретски подготовки во Крушево, по што повеќе од обично се посветив на отворањата. Откако пролетва победив на поединечното Првенство на Македонија, во пресрет на овој турнир играв повеќе други турнири и стигнав до уште три трофеи: со ШК Алкалоид на Екипното првенство, но и при настап во Србија, како и на меморијалниот турнир „Венци Попов“ во Гевгелија. Верувам дека токму таа работа на проширување на репертоарот се одрази на овие резултати. Верувам дека ќе постигнеме добар резулат, тоа е мое внатрешно чувство. Имаме шанса, имаме мотив, очекувам дека ќе оствариме пласман меѓу првите три екипи,- оптимистички најави ВМ Звонко Станојоски.
– Јас имав желба да играм, но се договоривме тука да бидам само како капитен на тимот. На државните екипни првенства откако јас сум капитен немаме пропуштено шанса да ја освоиме титулата, а еднаш го освоивме и Европскиот клубски куп – во 2016 година. Не одлучувам сам, тука е секогаш и Селекторот на клубот ИМ Никола Димовски, а исто така имаме одличен однос со играчите. Да бидеш капитен не е многу пријатна позиција. Треба да следиш четири позиции на таблите, треба да знаеш да ги препознаваш лицата и гримасите на играчите, дали позициите им се по желба или не. Во принцип одигравме еден мирен меч. Турнирот за нас тргна по добра патека и во едно убаво расположение го чекаме следниот меч против Словачка,- додаде ВМ Драган Јаќимовиќ, кој е капитен на тимот.
Првото коло донесе очекувани победи на сите фаворити, првите носители САД и Англија имаа победи од 3,5:0,5. Во второто коло, ШК Алкалоид ќе игра против националниот состав на Словачка.
Во категоријата за играчи над 65 години, екипата на македонските ветерани (ФМ Илиќ Љубомир, ФМ Кралевски Александар, Стошевски Илија и ФМ Хаџи-Манев Љубомир, Капитен ИМ Илиевски Димитар) го направи најпријатното изненадување, победувајќи со 2,5:1,5 во мечот со далеку посилната екипа на Италија.
На двата турнири победниците ќе бидат познати по одигрување на девет кола, при што последното ќе биде на 28 септември.
ПР Текст