Инвестициите и проектите во спортот се важни за промоција на општината во меѓународни рамки, но и предуслов за создавањето на идните спортски таленти. Аеродром е прва општина која во основните училишта го имплементира спортот текбол. Имплементацијата e резултат на соработката помеѓу Општина Аеродром и Меѓународната текбол федерација, а која се реализира со поддршка од Македонскиот олимписки комитет информираат од општина Аеродром.
Во рамки на оваа соработка Градоначалникот Тимчо Муцунски денес прими донација за општината Аеродром која вклучува 40 текбол табли и 80 топки. Освен донацијата, соработката вклучува стручна поддршка за оспособување на наставниците од основните училишта кои понатаму ќе треба да ги воведат и водат учениците во овој спорт. Покрај ова, деновиве Општина Аеродром, во спортскиот центар „Јане Сандански“ е домаќин на квалификациите за учество на Европските олимписки игри во текбол кои ќе се одржат следната година во Полска.
„Се радувам што токму Аеродром е домаќини на еден ваков настан, но и пионер во воведување на една нова спортска дисциплина. Силно верувам дека токму од училиштата во Аеродром ќе излезат идните локални, национални и меѓународни текбол таленти“, истакна градоначалникот Муцунски и упати благодарност до Меѓународната текбол федерација за реализацијата на денешната донација, но и за меѓусебната соработка и поддршка.