Зошто Бан Ки Mун доцнеше во Приштина?

Од:

Приштинскиот весник Коха диторе пишува дека генералниот секретар Бан Ки-мун стигнал во Приштина со 45 минути доцнење, бидејќи официјален Белград не дозволил неговиот авион да прелета преку територијата на Србија.

„Само еден ден по средбата на највисоките српски политичари со генералниот секретар на ОН и изјавата дека максимално ќе се ангажираат на решавање на проблемите со Косово, тоа го негираа со фактот дека на генералниот секретар не му беше овозможено неговиот авион да добие меѓународен код и така да прелета преку територијата на Србија, за да стигне во Приштина“, пренесува Коха.

Шефот на најголемата меѓународна организација поради тоа доцнеше 45 минути при своето пристигнување на Косово, а наспроти обидите и барањата од дипломатите, властите во Србија не го сменија ставот и авионот со Бан Ки-мун на приштинскиот аеродром долета преку Скопје, потврдија дипломатски извори за приштинскиот весник.

Весникот наведува дека и порано властите во Белград не дозволувале воздушниот простор над Косово да се користи за летови кон Приштина.

Според пишувањето на весникот, во иста состојба како генералниот секретар на ОН се нашла и германската канцеларка Ангела Меркел, кога минатата година од Белград преку Македонија допатувала на Косово.

Во Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија, за Танјуг е речено дека тие не добиле никакво барање за одобрување на лет за Приштина, со кој требало да отпатува генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, но дека тие и не се надлежни за такви летови, туку Министерството за надворешни работи.

„Дирекцијата не доби барање за одобрување на тој лет, а инаку летовите на државни функционери и хуманитарните летови се во надлежност на Министерството за надворешни работи“, рече за Танјуг советникот за медиумите на Дирекцијата, Катарина Андриќ Милосављевиќ.

Таа потсети дека од 1999 година нема никакви комерцијални и цивилни летови кон Приштина, за кои би била надлежна Дирекцијата за цивилно воздухопловство.

Летовите од Србија за Косово и Метохија имено се прекинати со одлука на поранешните власти на СР Југославија уште на 6 мај во 1999 година.

Според таа одлука е прецизирано дека ќе се прекинат сите комерцијални летови и цивилни летови за Приштина и прелетувањата кон Косово, како и летови од Приштина преку централниот дел на Република Србија.

„Србија ни тогаш не можеше, но не може ни сега да гарантира за безбедноста на тие летови бидејќи нема таква комуникација со тој дел на својата територија, како ни увид во воздухопловната безбедност и безбедноста на надлежните служби на Косово“, се наведува во соопштението.

Наредбата за прекинување на летовите од Косово, Република Србија подоцна ги потврди на 20 мај во 2005 година и таа е објавена во Интернационалниот воздухопловен зборник и за неа се обавестени сите меѓународни авионски служби, соопшти Дирекцијата.

Исклучок можат да бидат само хуманитарни летови и летови на државници, домашни и странски, се наведува во соопштението, и се додава дека за одобрување на летови надлежно е Министерството за надворешни работи на Република Србија, кое одобрува такви летови и тие носат назнака Стејт Флајт.

Во соопштението на Дирекцијата се потсетува дека со Кумановскиот договор, кој претходеше на доаѓањето на меѓународните сили, воздухопловната власт на Косово припаѓа на УНМИК, а за аеродромот во Приштина тогаш беше задолжена Исланд.

Би можело да ве интересира

Вучиќ: Во Брисел знаат која страна го кочи напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина

(ВИДЕО) Шпанците уапсија нарко-бос од Косово, во рацијата уапсени се 10 лица

Горан Наумовски

Србија повторно ќе испрати барање за враќање на 1.000 српски војници и полицајци на Косово

Предраг Петровиќ

Вучиќ утре ќе се изјасни, на маса и опцијата за прогласување окупација на дел од територијата на Србија

Предраг Петровиќ

Четворица млади Срби на рочиште во северниот дел на Косовска Митровица

Специјалното обвинителство во Приштина го објави обвинението против 45 лица за вооружениот конфликт во Бањска