Жителите на албанското село Лазарат, кое го носи епитетот фабрика за марихуна, не само што со децении не дозволуваат полицијата да влезе во селото, туку сега го минираа секој дел од патот што води до селото, за да го заштитат производството на марихуана.
Според тиранската телевизија Топ-чанел, во селото, секоја ноќ има пукотници од митралези и ракетни фрлачи, кои се слушаат дури до Ѓирокастро.
Поставувањето мини разлутените селани го објаснуваат со обидите на полицијата, засилена со специјалната единица „Ренеа“, во изминатите денови да влезе во селото, но и поради опасноста во ноќните часови да не им дојдат крадци.
Нив не ги исплаши полицијата, па додека таа го блокира селото, тие изнајдоа споредни влезови и повторно таму влегуваат и камиони натоварени со ѓубре и канистери со вода и работници, а излегуваат камиони со дрога. Полициски извори велат дека се подготвени да влезат во селото, но дека тоа треба да го аминуваат високи полициски структури, се наведува во прилогот на телевизијата.
Ова не е првпат полицијата да дојде, но да не може да влезе во селото. Со децении селото е бастион во кој полицијата нема пристап, а во меѓувреме се произведуваат холандски сорти марихуана, барани на европскиот нарко пазар.
Пропаѓа секој обид на полицијата, и од почва и од воздух, да направи нешто, затоа што е пречекувана со рафали.
Лазарат располага со најмалку 500 насади (плантажи) со канабис сатива. На 319 хектари засадени со марихуана се произведуваат 900 тони марихуана, што прикажано во пари значи 4,5 милијарди евра.
Во меѓувреме албанската полиција во други делови на Албанија продолжува со уништување на цели парцели со марихуана. Само во изминатите неколку дена уништени се околу 15 илјади стракови марихуана, во повеќе делови во земјата. Од нив околу десет илјади се во подрачјето на северниот град Скадар.