Утрово околу 10.10 часот во прифатилиште за бездомници во Вараждин, во просторот на кујната, 37-годишна жена со нож повредила три лица на возраст од 31, 42 и 52 години, нанесувајќи им убодни рани, соопшти вараждинската полиција.
На повредените им била укажана лекарска помош во Општата болница во Вараждин. Жената е однесена во полиција Вараждин, а на местото на настанот се води кривична истрага и увид.
Градоначалникот на Вараждин, Невен Босиљ, изрази жалење за немилиот настан и упати зборови на поддршка до повредениот вработен и двајца корисници на преноќиштето, јавува ХРТ.
„Градот Вараждин, заедно со Заводот за социјална работа – подрачната канцеларија на Вараждин и здружението Нови Пут, кое раководи со прифатилиштето, сака да им обезбеди најдобри можни услови на луѓето кои се наоѓаат во незавидна ситуација да бидат без покрив над главата. Досега сме имале добри искуства во дружењето со корисниците, особено за време на празничната сезона“, велат од Кабинетот на градоначалникот.
„За жал, сите бевме непријатно изненадени од инцидентот во кој беа повредени три лица. Се надевам дека брзо ќе закрепнат и дека хостелот ќе продолжи да ја исполнува својата цел и да биде безбедно место за сите луѓе на кои им треба такво место.