Косовскиот премиер Рамуш Харадинај оваа сабота, 2 февруари, се очекува да го разреши министерот за земјоделство Ненад Рикало, со цел да го отвори патот за изгласување на Буџетот на Косово за 2019 година, пишува денеска весникот „Зери“.
Разрешувањето на Рикало, кој доаѓа од редовите на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), е услов што го постави Социјалдемократската партија (ПСД) за да гласа за Буџетот.
– Министерот за земјоделство Ненад Рикало ќе биде разрешен в сабота, а истиот ден ќе биде изгласан и буџетот, изјави за „Зери“ извор од пратеничката група на ПСД.
Без гласовите на ПСД на Шпенд Ахмети, коалициските партии не можат да го обезбедат потребното мнозинство за усвојување на буџетот, со оглед дека СЛ, по воведувањето на таксата од 100 отсто на увозот од Србија, реши да делува опозициски и покрај тоа што учествува во Владата со неколку министри и заменици министри.
Партијата на косовските Срби им ги понуди на албанските опозициски партии во Собранието гласовите на своите десет пратеници за да ја урнат Владата на Рамуш Харадинај, меѓутоа Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на Иса Мустафа и Движењето Самоопределување (ВВ) на Албин Курти ја одбија оваа понуда, порачувајќи дека сакаат да ја сменат власта без помош на СЛ.